Министрите од регионот го повикаа Косово целосно да ги укине зголемените царини

Министрите од регионот денеска во Белград, Србија, на заеднички состанок ја повикаа косовската влада целосно да ги укине зголемените царини за извоз на земјоделски производи во Косово. Тие ја поздравија одлуката на Косово за делумно укинување на зголемените царини, но побараа од Приштина итно и целосно да ги укине воведените зголемени царини за извоз на земјоделски производи.

Иницијатор и домаќин беше српскиот министер за трговија Расим Љаиќ. На средбата учествуваше и македонскиот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, кој ги поздрави денешната средба и формирањето на оперативното тело што ќе работи на отстранување на сите трговски бариери.

„Внимателно и претпазливо, заедно со властите во Косово, овие неколку дена постојано сме во комуникација. Сметам дека енергијата што ја дадовме досега вроди со плод. Вчера на владина седница Приштина донесе одлука за повлекување на царината од поголем дел од производите. Но, со оглед на тоа дека во сила се мерки за зголемена царина за некои од производите за кои Македонија има извоз во моментот, бараме укинувањето на одлуката да се случи веднаш. Сметаме дека е потребно итно отповикување на оваа одлука, која е спротивна на ЦЕФТА-договорот, но и на СТО. Ние очекуваме укинување на оваа одлука“, истакна Николовски.

Остави коментар

Please enter your comment!
Please enter your name here